ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Мешков го „избрка“ Пешиќ, Германецот од Порто се враќа дома, Eлверум во трка со Колстад

  • Белорускиот првак Мешков Брест објави дека му го раскинува договорот на легендата на клубот, голманот Иван Пешиќ, кој беше дел од тимот скоро девет сезони. Иако во клупското соопштение стои дека причините се „медицински“, сепак јасно е што стои во позадина. Откако стана јасно дека Пешиќ оди во Нант, а не може да игра во Брест поради повреда, клубот не сака да го плаќа. Неговото место ќе го пополни Вјачеслав Салдаценка, кој дојде од Бакау, а тоа значи дека Мешков ќе го чека Вардар во ЛШ март догодина со нов голман.
  • Германскиот десен бек од редовите на Порто, Џибрил М’бенге, заминува од Португалија на крајот на оваа сезона. Соиграчот на Митревски во Порто мина три сезони по трансферот од Штутгарт, а сега се враќа дома и потпиша договор на три сезони со составот на Бергишер.
  • Германската репрезентативка Јулија Бенке по две сезони ќе го напушти составот на Ференцварош. Унгарскиот првак објави дека ги продолжи договорите со седум ракометарки и тренерот Габор Елек, но меѓу нив не е Бенке. Таа се враќа во татковината и ќе го носи дресот на Мецинген.
  • Норвешкиот првак Елверум нема да препушти се на случајноста и да му го препушти тронот на новиот проект Колстад. Елверум е заинтересиран да го донесе во своите редови норвешкиот репрезентативец Горан Јоханесен, чиј договор со Фленсбург на крајот на оваа сезона. Двете страни потврдија дека има контакт, но и дека се уште немаат постигнато договор за трансфер.
  • Поранешниот полски селектор Пјтор Пшибецки на крајот на оваа сезона ќе си замине од составот на Либек Швартау, кој се натпреварува во Втората Бундес лига.  Тој дојде на кормилото на германскиот клуб во јануари 2019 кога ја напушти селекторската функција во полската репрезентација.