Тиквеш победнички се враќа од Скопје

Тимот на Тиквеш ја забележа третата суперлигашка победа, откако славеше на гостувањето кај Скопје со 29-20. Кавадарчани откако во првото полувреме си обезбедија висока предност, во вториот дел само рутински ја одработија задачата.

Мечот тргна со промашувања на двете страни, пред Темелкоски да погоди во 3. минута за предност на кавадарчани. Беше и 4-0 за Тиквеш, пред Трајкоски да го постигне првиот погодок за Скопје по шест минути игра.

Домашните немаа многу идеја во нападот, а и Велков фати неколку топки, па Тиквеш предводен од Симиќ се одлепи на 12-6. Беше и 14-8, но уште една серија на кавадарчани по грешки на Скопје за 17-8, пред да се замине на одмор со 18-11.

Во вториот дел не се промени ништо особено. Тиквеш не форсираше, предводен од голманот Велков со 17 одбрани рутински ја задржа предноста. Скопје само на два пати намали на минус шест, но немаше шанси за камбек во натпреварот.

Најдобри стрелци кај Тиквеш, кој играше без десниот бек Петровиќ и голманот Брауновиќ, беа Симиќ со девет и Дрогришки со пет гола, додека кај Скопје по четири гола дадоа Јакимовски, Барјактаревиќ и Трајковски.