Тиквеш ги грабна бодовите во Кисела Вода

Ракометарите на Тиквеш ја остварија втората победа во Суперлигата, откако славеа на гостувањето кај Јуниор во Кисела Вода со 32-25.

По десетина минути игра беше 7-2 за кавадарчани, кои лесно го наоаѓаа патот до голот на домашните, а Јуниор КВ даде само два гола преку Симоноски. Игор Котевски мораше да бара тајм-аут многу рано, за да ги смири неговите играчи.

Тоа вроди со плод, па Јуниор КВ намали на 7-5, но потоа повторно влезе во серија грешки. Гостинскиот голман Брауновиќ исто така беше одличен на голот и беше уште една пречка плус за домашните, па кавадарчани на пауза заминаа со солидни плус пет 15-10.

Како што заврши првото полуврме, така почна и вториот дел од натпреварот. Тиквеш имаше контрола на случувањата на теренот. По 22-16, гостите додадоа уште три гола во серија за 25-16 и веќе беше јасно кој тим ќе ги освои бодовите на овој натпревар.

До крајот Тиквеш одработи само рутински за убедлив триумф. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Симиќ со седум, како и тројката Хамзиќ, Стефановиќ и Петровиќ со по пет погодоци. Кај Јуниор КВ се истакнаа Дарио Симоноски со осум и Стефан Крстески со пет гола.