Тежок пораз од Германија, Македонија ќе се бори за 11 место на Мундијалот

Женската кадетска репрезентација на Македонија загуби од Германија со убедливи 34-21 и ќе игра против Хрватска за 11 место во светот. Натпреварот беше решен во финишот од првото и на стартот од второто полувреме, кога Германките направија висока предност, која неможевме да ја бркаме.

Мечот тргна со водство на Германките 4-1, а во продолжение ривалот стигна и до највисоки плус пет, 8-3. Иако Чурлиновска беше одлична на голот сепак нашите ракометарки направија многу технички грешки во нападот.

По тајм-аутот на Савевски, Македонија се разбуди, Јанкуловса погоди два пати во серија за 10-9, но потоа повторно „црна дупка“ во нападот и Германија набрзина се одлепи на плус пет, 14-9.

До паузата Германките ја задржаа предност, 17-12. Стартот на второто полувреме го реши победникот. Тешко одеше во нападот, мотивот очигледно беше паднат, а одбраната лесно примаше голови.

Германките во еден момент се одлепија на плус десет, 26-16, па немаше никакви дилеми до крајот кој ќе биде победник на овој натпревар. Поставите се измешаа на теренот, но тоа не донесе големи промени на семафорот.

Голманката Чурлиновска имаше десет одбрани, четири гола дадоа Емилијана Ризоска и Теодора Дукоска, додека по три погодоци имаа Борјана Коцева и Ива Младеновска. По овој пораз, за Македонија останува да го одигра уште мечот за 11 место со селекцијата на Хрватска, која загуби од Норвешка по удари од седум метри, утре со почеток во 16:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.