Татран Прешов ќе игра во село

Екипата на Татран Прешов во последните години е редовен учесник во СЕХА лигата и Лигата на шампионите со што дава голем придонес за градот.

Сепак претседателот на клубот Мирослав Хмељар во изјава за официјалниот сајт на клубот истакна дека соработката со градот не е на најдобро ниво. Тој најави дека во иднина можно е клубот да го пресели во неговото родно место.

„Татран не добива никаква помош од градот за своите заслуги. Многу европски клубови добиваат финасиска помош од нивните градоначалници. Во мојата ера во клубот, Татран никогаш не бараше помош од градот, но најпопуларниот спорт во Прешов заслужува финансиска поддршка. Нема квалитетни тимови во хокеј и фудбал во градот, а наскоро нема да го има и најуспешниот екипен спорт ракометот. Планирам да го регистрирам Татран во моето родно Луботице. Ако Хофенхајм, село со 3.000 жители може да има тим во Бундес лигата тогаш и Луботице со исто толку може да го смести Татран. Ќе го направам едно од најбогатите села во Словачка уште поуспешно и попознато“, рече Хмељар.

Татран Прешов беше многу активен на трансфер пазарот за време на паузата и во наредната сезона сигурно е главен кандидат за освојување на шампионската титула во домашното првенство.