Талески: Цела ситуација во групата сега се искомплицира!

Репрезентацијата на Македонија беше поразена во второто коло на Европското првенство од Чешка со 27:25 после лошото отворање на вториот дел кое беше клучно за поразот. Веднаш по натпреварот Филип Талески имаше свое видување на мечот и ги истакна причините за поразот.

„Вчера апелиравме на тоа дека кога водиме не смееме да имаме пад во играта, но тоа ни се случи и на овој натпревар. Мислам дека и тоа пресуди, бевме со два гола предност на полувреме. Во второто полувреме имавме доста промашувања и едноставно немавме решение како да ја разбиеме нивната одбрана, освен Лазаров кој постигнуваше голови од надвор. Ние не можевме да сториме ништо, мислам дека тоа беше најголемата причина за поразот. Последните 15 минути малку се изморивме, паднавме и тоа беше клучот на натпреварот. Сега цела работа се искомплицира во групата, треба да ја победиме Австрија со што поголема разлика. Мислам дека имаме една тешка задача но имаме ден одмор да се одмориме, да ги избистриме главите после овој натпревар. Да влеземе во натпреварот со домаќинот спремни, да дадеме максимум и да одиме на се или ништо и мислам дека ако бидеме како што треба можеме да направиме успех“, изјави Талески веднаш по натпреварот за 24Ракомет.

Следниот натпревар на репрезентацијата на Македонија е дуелот со домаќинот Австрија во вторник од 18:15 часот, кој ќе одлучува која селекција ќе оди во следниот круг.