Талески: Нема повеќе оправдувања дека сме млади и неискусни – мора да се градиме како репрезентација

Македонската сениорска репрезентација денеска се собра во Скопје и веднаш замина на подготовки во Маврово.

Селекторот Кире Лазаров на стартот ќе има на располагање 20 ракометари, бидејќи Едвин Омерагиќ е повреден, а Митревски и Кузмановски ќе се приклучат дополнително.

Левиот бек Филип Талески очекува дека контролите пред СП ќе бидат искористени за да се корегираат сите евентуални грешки.

„Конечно се случи промената на составот со повозрасните ракометари, имавме голема помош во баражот, каде што целото искуство ни го префрлија на нас и ни кажаа дека ние сме на терен и треба да бидеме лидери. Сепак, на големите натпреварувања е поинаку, секој втор ден се игра натпревар и затоа се собираме порано. Ни недостигаат само дваjца, Кузмановски и Митревски, меѓутоа се собравме за овие 10 дена да ги искористиме за основни подготовки. Последните 10 дена пред настапот треба да видиме што ни недостига на тие контролни натпревари и потоа да ги корегираме грешките“, вели Талески.

Вардарецот вели дека уште пред ждрепката имал чувство дека ќе добиеме тешка група.

„Уште кога беше ждрепката, имав чувство дека ќе ни падне најтешката група и навистина е најтешка затоа што во останатите има некои африкански репрезентации. Кај нас се падна Аргентина од Јужна Америка, која во изминатиот период покажа дека има квалитет. Ова е тешка група, но одиме чекор по чекор. Треба да ги анализираме противниците, кои исто така ќе играат други натпревари. Ги знаеме добро сите селекции и се надеваме дека нашиот селектор ќе направи добра тактика за да се прикажеме во најдобро светло“, продолжи Талески.

Меѓу контролите со Црна Гора во Маврово и оние во Пореч со Хрватска и Израел, ќе биде одигран и еден ревијален натпревар.

„Натпреварот на 3 јануари ќе биде повеќе за уживање кај публиката. Поискусните ракометари доволно ни пренесоа и сфативме дека моментот е сега и времето дојде. Нема повеќе оправдувања дека сме млади, неискусни и дека немаме играно доволно натпревари. Мора да одиме само напред и да се градиме како репрезентација. Се надевам дека ќе направиме добар успех“, продолжи Талески.

Вардар сезонава нема силни натпревари, па затоа со националниот тим ќе добијат четири силни контроли.

„Ни пречи тоа што немаме европски натпревари со Вардар, но селекторот во координација со нас праша дали ќе ни требаат повеќе дуели во овој подготвителен натпревар. Па затоа еве ни доаѓаат дуели со Црна Гора, а потоа и со Хрватска за да се соочиме со уште една квалитетна репрезентација која секогаш стигнува до завршницата и тоа ќе биде добар тест да видиме до каде сме“, заврши Талески.