Талески: Кире ни рече, уживајте играте против светскиот првак, нема што да загубиме

Во вчерашната победа против селекцијата на Данска од 33:29 голема партија имаше левиот бек на Вардар, Филип Талески кој успеа да постигне пет гола од пет шута. Играше одлично од почетокот на средбата, а мина доста време и во одбраната така што го имаше можеби и својот најдобар натпревар во сениорскиот дрес на Македонија.

Тој коментираше и за она што се случуваше пред два месеци кога беше подложен на многу критики и остри коментари од навивачите.

„Секоја критика е добредојдена и треба добронамерно да ја сфатиме. Некои работи се кажуваат во еуфорија. Имашеи погрдни коментари после некои натпревари. Сепак, ги разбирам како е од навивачки аспект и желбата што сакаат да видат на терен за она што треба да го покажеме. Против Данска покажавме дека знаеме, дека можеме и дека оваа Македонија има надеж и оваа Македонија го нема покажано своето најдобро. Постојат многу години пред нас во кои мораме да работиме макотрпно и да го слушаме нашиот нов селектор. На неговото деби се виде дека секоја тактика која ја има подготвено е паметна и добра за нас. Мислам дека со секој противник ќе има таква добра тактика, а ние ќе треба да го спроведеме тоа на терен. Очекувам да биде позитивно како вчера на натпреварот“, изјави Талески.

За да се крене после еден таков период вели дека многу помогнале и советите од селекторот, кој имал убав говор пред натпреварот.

„Пред почеткот на средбата ни рече уживајте, играте против светскиот првак. Нема што да се загуби туку само може да се добие многу. Влеговме опуштени на терен и го докажавме на теренот. Имавме играчи како Хансен, Ландин… едноставно не може да се избере бидејќи на теренот кој од кој е подобар. Тоа ни беше во глава постојано, да уживаме и да се надмудруваме што резултираше со добар резултат“.

Воедно на оваа средба младите добија можност да влезат во средбата и први да го понесат товарот што беше големо изненадување бидејќи Талески, Кузмановски и Велковски се бековската тројка со која Македонија играше и на Мундиалот во Алжир во 2017 година за младинци.

„Нашиот селектор ни ја даде довербата и ние го искористивме максимално. Досега немавме таква доверба да почнеме со млади бекови, кои игравме некогаш заедно, но никогаш не се погодивме на терен во поново време. Таа доверба од селекторот ја искористивме максимално и му дадовме до знаење дека можеда смета на нас“.

На Египет се сеќава како на лоша епизода, но извлечена е голема поука од она што таму беше прикажано.

„Она што се случи во Египет беше непланирано за нас. Никој не очекуваше ниту дека ќе се оди на тоа првенство. Отидовме набрзина, а пред овој натпревар се собравме и кажавме дека за нас тоа беше една лоша епизода и дека тоа треба да се заборави. Македонската јавност очекуваше многу, но ние не го покажавме тоа на теренот. Сепак, и вративме на јавноста со победата против Данска дека вербата во ракометот дека е спорт број 1 во Македонија не треба да се измени“.

За дуелот в недела смета дека мора да се одигра максимално и да се потврди дека оваа партија не беше случајност туку одличен момент за почеток на нови ветришта во националниот тим.

„Не смееме да се опуштиме. Треба да покажеме уште поборбена игра во Данска. Тие се светски шампиони и знаат дека во поразите да ги најдат грешките. Очекувам поостра игра и повеќе трчање од нив и повеќе контакт игра во напад. Мислам дека мораме максимално да бидеме подготвени на сè за да покажеме дека она што вчера се случи не беше случајност“, коментираше Талески.

Од него и од сите кои ќе се најдат во тимот се очекува в недела да бидат одново на високо ниво и уште еднаш да демонстрираат дека можат против  светскиот шампион.