СТРУГА 2023: Македонскиот вицепрвак го совлада АЕК и закажа финале со Вардар

„Сините од Авткоманда“ со победа го заокружија настапот во групната фаза на интернационалниот ракометен турнир Струга 2023, откако го совладаа грчкиот првак АЕК со 26-23 (13-15). Во 51. финале на Струга во сабота ќе играат против Вардар.

Македонскиот вицепрвак го отвори резултатот со два гола. По воведната одбрана на Игор Арсиќ по обидот на новото засилување за „сините“ Арно Бинго, Младеновиќ посгитна два гола. Одбраната на македонската екипа беше на висина на задачата, па бргу дојдоа и до „плус три“.Сепак во средина на првиот дел АЕК не дозволи комплетно да биде надигран.

До 20. минута го израмнија резултатот на 10-10, а потоа и поведоа со голот на Патрик Мартиновиќ. Минималната разлика се задржа до самиот крај на првиот дел, иако двете екипи имаа свои шанси. Во последните секунди од првиот дел Комажевски го доведе АЕК на „плус два“ (13-15), тимот од Автокоманда го имаше последниот напад, но резултатот остана непроменет.

Алкалоид – АЕК

Почеток на второто полувреме навести изедначен ракомет. Овојпат голманите Мацкевиќ и Карерас имаа свои минути на двете страни на почетокот, а потоа средините бекови на двете екипи, затоа разликата остана непроменета по пет минути игра. Во 38. минута АЕК ги постави првите три голови разлика откако Мацкевиќ го обрани ударот на Стојковиќ, а брзата транзиција успешно ја заврши Арапацис.

Но во следните две минути тимот од Автокоманда имаше свои минути, неколку грешки во нападот на АЕК преку лесни голови ги вратија во игра. Алармот на клупата на АЕК во 41. минута при 19-20 го активираше првиот тајм-аут за грчкиот шампион во вториот дел.

Во продолжение АЕК немаше вистинско решение во нападот, кој често го завршуваше со пасивна игра, а на спротивната страна Алкалоид имаше неколку шанси за израмнување. Во 48. минута Серафимов не успеа да погоди од пенал линијата, а новата шанса Бинго ја валоризираше во ново израмнување на натпреварот, прво во второто полувреме за 21-21.

АЕК ја одржа иницијативата и минималната предност, пред се поради одличниот голман Мацкевич кој одбрани неколку зицери. Цепелинот Бинго-Серафимов го најави пресвртот на македонскиот вицепрвак, по одбранетиот пенал удар на Карерас, сините преку Митев дојдоа до првата предност во вториот дел 24-23. Во финишот на натпреварот разликата ја правеше голманот Карерас, кој одбрани неколку клучни топки, затоа во финишот на дуелот „сините“ имаа предност и од два гола со четвртиот погодок на Серафимов (25-23 58.минута).

АЕК во последните секунди од дуелот брзаше, но нивните грешки само го зголемуваа водството на македонскиот претставник. Стојковиќ беше прецизен за 26-23, а по грешката во напад, тимот од Автокоманда рутински го приврши натпреварот за конечни 26-23.