СТРУГА 2022: Еурофарм Пелистер ја доби драмата со Татран Прешов

Екипата на Еурофарм Пелистер ја забележа втората победа на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир, откако во неизвесен натпревар против Татран Прешов триумфираше со резултат 25:24 (11:10). Еурофарм Пелистер со освоената победа зачекори кон финалето и во последното коло од групата против АЕК Атина ќе се бори за третата победа на Струшкиот турнир.

Ракометарите на Татран Прешов подобро се снајдоа во воведниот дел и за две-три минути игра дојдоа до водство од 1:0. Битолчани првиот погодок го постигнаа во третата минута со голот на Цветан Кузманоски од контра за 1:1. Еурофарм Пелистер го презеде водството, поведе со 2:1 имаше и 3:2, но словачкиот првак не се предаваше лесно и успешно му парираше на тимот на Ларс Валтер.

Татран Прешов со серија од 3:0 направи пресврт и дојде до плус два гола разлика по десет минути игра, 5:3. Словаците успеаја уште во неколку наврати да бидат во минимално водство а по нерешените 6:6, ракометарите на Еурофарм Пелистер заиграа поангажирано во одбраната и нападот, ги искористија грешките на противникот и до крајот на првото полувреме беа подобриот тим на теренот. По 30 минути игра, резултатот беше 11:10 во корист за „фармацевтите“.

За неколку минути игра во второто полувреме, двете страни постигнаа неколку брзи погодоци. Екипата на Татран Прешов во 37 минута го израмни резултатот на 14:14, а во 40 минута за првпат во вториот дел дојде до водство од 16:15. Следуваше период, во кој двете екипи играа гол за гол, па така резултатот најчесто беше израмнет.

Во последните петнаесетина минути од натпреварот, Татран Прешов со голот на Рабек го израмни резултатот на 18:18. Еден од факторите за добрата игра на Татран Прешов беше голманот Чуприна, кој меѓу стативите се покажа во солидно издание. Сепак, Еурофарм Пелистер во завршните десет минути влезе со предност од плус два гола разлика, 22:20.

По водството на Еурофарм Пелистер од 23:21, претставникот од Словачка во 25 минута израмни на 23:23, а минута подоцна Танкоски на празна мрежа погоди за 24:23, но минималното водство траеше кратко, бидејќи Давидовиќ постигна гол за 24:24. Сери на минута пред финишот беше ефикасен за 25:24, додека Татран Прешов во последниот напад не успеа да реализира за нерешено.