СТРУГА 2020: Чагаљ – Натпреварите против Вардар се секогаш нешто посебно

Ракометарот кој летово пристигна како засилување во редовите на Охрид од Металопластика, пивотот Игор Чагаљ вчера дебитираше за охриѓани на дуелот против Бутел Скопје на турнирот во Струга.

Тој е играч кој со своето искуство од настапите во СЕХА сигурно ќе има што да покаже и да донесе плус и во нападот и во одбраната. Вечерва следува дуел против Вардар така што е јасно дека ќе може да се види максимална мотивација.

„На турнирот во Струга сме со цел да видиме до каде сме во моментов, после долгата пауза. Многу е убаво да се вратиме на терен, но во моментов да се ветуваат некои резултати не е благодарно бидејќи сме во процес на физички подготовки и нозете се малку ‘тешки’. Вардар во оваа езона има екипа со одличен потенцијал, доста искусни играчи и нашата цел е денеска да одиграме добар натпревар за да видиме до каде сме во моменов во однос на топ ривал“, вели Чагаљ за 24Ракомет.

Новиот пивот на Охрид знае како е да се игра против Вардар така што и сега ќе има можност да го покаже квалитетот против „црвено-црните“.

„Досега имам играно против Вардар и тоа неколкупати во СЕХА лигата додека играв за Војводина. На турнирот во Требиње настапував за Металопластика. Натпреварите против Вардар секогаш се нешто посебно бидејќи тоа е најуспешниот клуб на Балканот во блиското минато“.

Во Охрид дојде од Металопластика, а вели дека немал проблеми за адаптација бидејќи е одлично прифатен од сите во клубот.

„Многу сум задоволен од тоа како сум примен во клубот. Охрид е многу добро организиран тим со одлични услови и многу агилно раководство. Атмосферата во тимот исто така е врвна, момците се навистина одлични и лесно ми беше да се вклопам“.

Воедно имаше и пофалба за работата во клубот, но и тренерот Раде Стојановиќ.

„Во Охрид досега можеби и најмногу време поминувам на тренинзите иако и досега бев во добри клубови. Овде навистина се става акцент на детали, како што е физичката подготвеност, ракометната тактика… Ми се допаѓа многу работата со тренерот Стојановиќ во досегашниот дел од тренинзите и мислам дека ќе може да извлече максимум од екипата во текот на оваа сезона“, изјави Чагаљ.

Охрид вчера го совлада составот на Бутел Скопје со 25:24 па јасно е дека в недела ќе има битка за 3. место, а најверојатно за ривал во тој дуел ќе го има составот на Металург.