Струга со „два од два“ – падна и Вардар Неготино!

Ракометарите на Струга ја забележаа и втората победа во новата сезона од Суперлигата. По Куманово, избраниците на Жарко Ферукоски на домашен терен прославија триумф и над Вардар Неготино со 36-24.

Гостите парираа во првите десетина минути и одржуваа резултатска рамнотежа на терен до 7-7. По неколку одбрани на Рикановиќ, Костоски и Блажески донесоа плус три, 10-7, па во продолжние беше полесно за домаќините.

При резултат 12-9, следуваше клучната серија со која беше најавена победата на Струга. Домашните постигнаа четири гола по ред, нападот на неготинци немаше многу идеја, па Струга стигна до плус седум, 16-9. Сепак Кузманов и Стоилковски се погрижија да ја намалат негативата и на пауза се замина со 18-13.

Во вториот дел Струга поведе со 20-13, но упорни беа гостите и погодија три пати по ред за 20-16. Тоа не го поремети ритамот на домашните кои на десетина минути до крај стигнаа и до плус девет, 29-20, па немаа проблеми рутински да го довршат натпреварот.

Најдобри стрелци во победничкиот состав беа Ненад Костоски со десет и Петар Бугариновиќ со седум погодоци, додека кај Вардар Неготино се истакна Драган Кузманов со шест гола.