Струга не виде мака против Преспа

Суперлигашот Струга гостуваше во Ресен кај домашната екипа на Преспа и забележа лесна победа од 32:16 во елиминациската фаза од Купот на Македонија. Добрата форма на екипата предводена од Наум Танески беше потврдена и на овој натпревар.

Екипата на Струга оствари убедлива победа, а шанса на теренот имаше за сите ракометари од двете екипи. Стружани со водство од 1:3 го отворија натпреварот и главно преку сите позиции постигнуваа голови. Јанкуловски, Пајкоски и Ракочија беа ракометарите кои го одржуваа солидното водство на гостинската екипа. На полувреме резултатот беше 7:14 за составот на Струга.

Во вториот дел домашните ракометари целосно се изгубија на теренот, а противникот лесно доаѓаше до позиција за гол. Скоро сите ракометари на Струга се запишаа во листата на стрелци и за цели 60 минути во својата мрежа имаа само 16 голови.

Струга беше предводена од Филип Пајкоски со пет погодоци. Во составот на домашните најефикасен беше Шиклевски Филип со шест погодоци.