Странците доаѓаат викендов, Металург со прв собир в понеделник

Тимот на Металург веќе ја одработи првата фаза од подготовките што вклучуваше индивидуални тренинзи, а денеска почнува втората што вклучува тренинзи во групи од по неколку ракометари (оние кои се во моментов во Скопје).

Таа фаза ќе трае до вторник, а од среда ќе почнат и групните тренинзи. Првиот официјален собир на екипата, со сите нови ракометари (странците пристигнуваат викендов), тренерот Зоран Кастратовиќ ќе го има на 27 јули, в понеделник од 18:00 часот.

Тимот од Автокоманда сериозно го засили ростерот откако ги донесе Момир Рниќ, Никола Потиќ, Бранко Канкараш, Златко Хорват и Марко Тарабокија, кои со староседелците прават екипа што може да парира на Вардар и Еурофарм Пелистер.

Металург оваа сезона ќе биде дел од Лигата на Европа, каде ќе стартува од првото квалификациско коло. Првите контролни натпревари тимот од Автокоманда би требало да ги има на Струшкиот турнир од 12 до 16 август.