Стоилов: Веспрем е фаворит во недела, ќе се обидеме да не ги разочараме навивачите

Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов вообичаено пред секој прес пред натпреварите од Лигата на шампионите беше претставник на ракометарите. Тој коментирапше за она што претстои против екипата на Веспрем, а очекувањата се да биде одиграно најдобро што може и покрај проблемите со ростерот.

„Ова ни е последен меч оваа полусезона во Лигата на шампионите. Нема веќе што да се зборува за ситуацијата во која се наоѓаме. Ростерот е тој којшто го имаме. Веспрем е апсолутен фаворит и тука нема што да се лажаме. На нас останува да се бориме и да не ја разочараме публиката“.

Во однос на тоа што одбраната сезонава не е на нивото од претходните имаше свое објаснување.

„Играме со играчите кои ги имаме. Сите играчи влечат повреди од минатото. Не можеме да ја подготвиме одбраната како што посакуваме. Голманите не ни се на ниво, а со тоа и одбраната. Не е вината кај голманите, ние сме тим и сите сме виновни. Тоа е ракометот и се случува“, изјави Стоилов.

Натпреварот се игра в недела во СЦ „Јане Сандански“. Почетокот е закажан за 17 часот.