Српскиот вундеркинд потпиша за Висла Плоцк

Младиот ракометар од Србија, Урош Митровиќ е новиот член во полскиот вицешампион, Висла Плоцк. Неговиот договор со екипата на Висла Плоцк беше склучен до 2024 година со опција за продолжување на две години, односно до 2026 година.

Митровиќ е ракометар кој игра на позицијата десен бек. Во полскиот тим моментално на десната бековска позиција настапуваат интернационалецот од Шпанија, Давид Фернандез, како и искусниот ракометар на полската репрезентација, Михал Дашек.

За 17-годишниот ракометар заинтересирани биле голем број на богати клубови од Европа, но ракометарот од Црвенка одлучи својата кариера да ја гради со настапите во Висла Плоцк.

Новиот ракометар на Висла Плоцк својата кариера ја започна во школата на Врбас Петрол, а во 2017 година е избран меѓу најдобрите спортисти во својот роден град. Неговиот татко, Милош Митровиќ, моментално ја извршува тренерската функција на екипата на Црвенка.

Напредокот на Урош Митровиќ на клупско и репрезентативно ниво бил следен од главниот тренер на Висла Плоцк, Хавиер Сабате.

„Урош е млад играч кој го следевме две години. Има добри шутерски и физички карактеристики за неговата возраст. Тој беше интересен за многу клубови од Европа, но успеавме да го доведеме во Висла Плоцк“, изјави Хавиер Сабате.