Србија и Хрватска со по двајца нови играчи пред „балканската војна“

Репрезентацијата на Србија за утрешниот натпревар против Хрватска, но и за третиот против Франција, ќе може да смета на Вања Илиќ и Данило Радовиќ.

Поранешниот член на Работнички и Металург, Вања Илиќ, конечно го победи Ковид 19. Левото крило веќе пристигна во Сегед, а според најавите од Ракометниот сојуз на Србија, тој ќе биде подготвен за соседското дерби против Хрватска и за третиот натпревар од групната фаза против селекцијата на Франција.

Илиќ на последното направено ПЦР тестирање доби негативен тест, излезе од изолација и по деталните лекарски прегледи пристигна во Унгарија. Освен Илиќ, младиот ракометар, Данило Радовиќ, исто така им се приклучи на своите колеги и се очекува да настапи на утрешниот натпревар против Хрватска.

Двајцата поранешни членови на Вардар, Дејан Милосављев и Илија Абутовиќ, како и ракометарот на Гепинген, Немања Зеленовиќ, останаа во Србија поради позитивни резултати на Ковид 19. Тие би можеле да настапат на Европското првенство доколку Србија избори учество во втората фаза.

Хрвоје Хорват, селекторот на Хрватска дополнително ги повика левите крила Марин Јелиниќ и Валентино Равниќ, како и пикерот Жељко Муса, на местото на суспендираниот Давид Мандиќ поради црвениот и син картон на дуелот со Франција, како и на заразените Леон Шушња и Ловро Михиќ.

Натпреварот меѓу Србија и Хрватска ќе се одигра утре. Терминот за соседското дерби е 20:30 часот. Србија на првиот натпревар од ЕП славеше висока победа над Украина со 31:23.