СП кадетки: Хрватска едвај преку Казахстан обезбеди главна рунда

Репрезентацијата на Хрватска на Светското првенство за кадетки во Македонија успеа да обезбеди пласман во главната рунда, откако во 3. коло од групната фаза триумфираше против незгодната репрезентација на Казахстан, со резултат 31:26 (15:12), во натпревар од групата Д.

Овие две репрезентации беа во борба за втората позиција во споменатата група. Во текот на целиот натпревар, ракометарките на Хрватска одржуваа резултатска предност, а во неколку наврати, Казахстан се обидуваше да се врати во игра, но секоја акција за камбек во дуелот против „коцкестите“ завршуваше без успех.

Хрватска во првото коло беше изненадена од Египет, додека во второто коло од групната фаза обезбеди лесен триумф над Индија. Од групата Д, освен Хрватска, пласман меѓу најдобрите 16 репрезентации на кадетскиот Мундијал обезбеди и Египет. Во главната рунда, Хрватска и Египет ќе вкрстат со првопласираната и второпласираната репрезентација од групата Ц – Данска и Португалија.

Во групата Б, во која се наоѓа и Македонија, Сенегал се израдува на првата победа, откако славеше над Узбекистан со два гола разлика, 34:32 (18:15). Победа во денешните натпревари од 3. коло остварија и репрезентациите на Египет, Фарски Острови, Исланд, Данска, Шпанија и Јужна Кореја.