СП кадетки: Германија и направи услуга на Холандија и ја однесе во четвртфинале!

Денес на Светското првенство за кадетки, кое се одржува во Македонија, продолжија натпреварите од главната рунда, односно од последното коло пред одигрувањето на четвртфиналните дуели.

Иако репрезентацијата на Холандија беше поразена од Јужна Кореја со два гола разлика, 24:26 (7:12), сепак, ракометарките на Холандија патуваат во четвртфиналето, бидејќи главниот конкурент за 2. позиција во групата Ц, Романија, доживеа пораз од Германија.

Репрезентацијата на Германија и направи голема услуга на Холандија и со освоената победа го освои третото место во групата Ц. Германија ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место, додека Романија ќе разигрува за пласман од 13 до 16 место. Освен Холандија, од споменатата група пласман во четвртфиналето обезбеди и Јужна Кореја, која заврши на првото место во групата Ц.

Јужна Кореја и Холандија се потенцијални ривали на македонската репрезентација доколку избраничките на Љубомир Савевски обезбедат влез меѓу 8-те најдобри репрезентации на кадетскиот Мундијал.