„Спремни сме за останатите дуели, треба да го потврдиме местото во плеј-оф“

Екипата на Еурофарм Пелистер 2, која беше вистинска сензација во есенскиот дел од Супер лигата и единствена екипа која успеа да го победи Вардар, денес стартуваше со подготовките за пролетниот дел.

Од екипата отсутни ќе бидат Павле Атанасијевиќ, Емилијан Ѓорговски, Иван Димитровски, Филип Арсеновски и Никола Стоилевски, кои ќе тренираат во првата екипа на Еурофарм Пелистер.

Сепак, Александар Јовиќ за време на подготовките ќе може да смета на сите останати играчи. Тука ќе бидат и дел од носителите на играта – Милан Ѓукиќ, Павле Петровиќ, Димитар Димитриоски, Стефан Талевски, Васко Димитровски…

Јовиќ истакна дека Еурофарм Пелистер како колектив е клуб од каде што произлегуваат голем број на репрезентативци. Најави голема борба и победа на секој натпревар во продолжението од сезоната.

„Денес ги започнавме подготовките и имаме уште шест кола од вториот дел на сезоната. Треба добро да ги одработиме овие дваесеттина дена и спремни да ги дочекаме дуелите во кои треба да верификуваме место во плеј-офот. Мојата екипа на секој натпревар ќе игра на победа. Огромна сатисфакција и на клубот и нашето семејство е големиот број репрезентативци и на сите им посакувам успешно првенство, а на нашата селекција достојно претставување“.

Во текот на подготовките, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ќе одиграат неколку пријателски натпревари против домашни екипи.