Словенија обезбеди балкански двобој за СП против Србија, Португалија и Израел со лесни триумфи

Репрезентацијата на Словенија успешно го мина првиот бараж за СП откако во вториот квалификациски натпревар беше убедлива против Италија со 28:21.

Словенците со двете победи над Италија обезбедија пласман во априлскиот бараж за Светското првенство 2023 во Полска и Шведска. Првиот натпревар меѓу двете репрезентации заврши со минимална победа за избраниците на Урош Зорман од 29:28.

Најефикасен на денешниот натпревар во репрезентацијата на Словенија беше Деан Бомбач со седум постигнати погодоци, додека, Нејц Цехте, кој ќе игра во Вардар од следната сезона, трипати се запиша во листата на стрелци.

Словенија во априлскиот бараж ќе игра против Србија и подобриот од тој двомеч ќе обезбеди настап на Мундијалот во 2023 година.

Португалија немаше многу проблеми против Швајцарија во Винтертур и оствари сигурна победа од 33:28. Португалија, исто така триумфираше на првиот натпревар од бараж двомечот против Швајцарија, со седум гола разлика, 33:26.

Ракометарите на Пауло Переира во вториот бараж, односно за место на Мундијалот во Полска и Шведска ќе се борат против незгодната репрезентација на Холандија. Овие две репрезентации на Европското првенство во Унгарија и Словачка играа меѓусебно во првата фаза. Тогаш Холандија оствари минимална победа со 32:31.

Израел по високиот триумф дома, славеше и на гостински терен против Литванија со 27-25 и обезбеди двобој за СП против Унгарија.