Сите комбинации пред Исланд: Што и треба на Македонија за четвртфинале на СП?

Репрезентацијата на Македонија се наоѓа пред пласман во четвртфиналето на Светското првенство за кадетки, на кое нашата држава е домаќин.

За остварување на посакуваната цел, избраничките на Љубомир Савевски ќе треба да обезбедат триумф во последното коло од главната фаза, во кое за ривал ќе ја имаат селекцијата на Исланд, која со победата над Иран обезбеди пласман во четвртфиналето.

Во групата А, во која се наоѓа Македонија, познато е дека Исланд е сигурен патник во четвртфиналето. Македонија, моментално, е на втората позиција со три бода, додека Шведска има еден бод. Иран веќе по натпреварот против Шведска нема шанси за следна фаза и ќе игра за пласман од 9 до 16 место.

За Исланд натпреварот против Македонија нема да има никакво резултатско значење, па така ракометарките од островската земја можеби ќе влезат опуштено и со комбиниран состав, со цел да ги сочуваат најдобрите ракометарки за четвртфиналниот дуел.

Доколку Македонија го победи Исланд, тогаш нашата репрезентација ќе заврши како првопласирана во својата група и ќе обезбеди пласман во четвртфиналето. Шведска е голем фаворит против Иран и се очекува да запише лесна победа. Во случај на пораз на Македонија од Исланд и победа на Шведска против Иран, тогаш Македонија и Шведска ќе имаат ист број на бодови (3).

Во ваква ситуација, односно сценарио, ќе решава подобрата гол разлика во групата А. Македонија, моментално, има гол разлика плус 12, а Шведска минус пет. Неизвесно ќе биде со колку гола разлика Шведска ќе го победи веќе отпишаниот Иран, но тој дуел ќе биде завршен пред средбата на Македонија и Исланд, па нашите девојки ќе знаат што точно им треба.

Македонија со победа или нерешен резултат ќе обезбеди четвртфинале, а за противник во четвртфиналниот дуел ќе ја има првопласираната или второпласираната репрезентација од групата 3. Во оваа група играат репрезентациите на Јужна Кореја, Германија, Романија и Холандија.

Сумирано, Македонија мора да оди на победа ем за прво место, ем за сигурно четвртфинале, ем за уште подгревање на атмосферата пред завршните битки на Мундијалот.

Натпреварот меѓу Македонија и Исланд ќе се одигра на 5 август во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток од 20:30 часот. Влезот за сите натпревари од Светското првенство е слободен.