„Сите други селекции се ставаат во непријатна ситуација, само да и се угоди на Данска“

Не престануваат реакциите на репрезентациите по сменетиот распоред за главната рунда на ЕП во „5 до 12“ од страна на ЕХФ.

Иако во прелиминарниот распоред има забелешка дека организаторот може да направи промени, сепак јасно е дека сега домаќинот Данска е фаворизиран со оглед на тоа што доби комфорен распоред, и пауза меѓу сите три меча од главната рунда.

Реагираше и рускиот селектор Амброш Мартин.

„Најпрво мислевме дека по мечот со Шведска ќе имаме три дена слободни и ќе ја почнеме подготовката за главната рунда. Мислевме дека ќе играме со Данска или Франција на 11 декември. Но од друг тренер дознавме дека играме на 10 декември, и тоа случајно го дознавме. Потоа добивме известување дека ќе играме на 10 декември против Црна Гора. Ова не е најдобар развој на настаните за нас. Сите гостински репрезентации се ставаат во непријатна ситуација, само Данска ќе има комфорен и најдобар распоред. Тоа е надвор од сета логика и не треба да се прави така. Не разбирам зошто е потребно да се играат два меча во два днеа, а потоа долга пауза до третиот меч, така може да се загуби ритамот“, вели Мартин за рускиот „Спорт Експрес“.

Данска има привилегија по два дена пауза од првата рунда, да игра на 11, 13 и 15 декември, па ако се пласира во завршницата ќе има уште два дена пауза пред решавачките битки.

Другите селкции ем ќе играат ден за ден, некои и два меча за помалку од 24 часа и ќе имаат долги паузи до следниот меч од три дена, што според нив е лошо поради веќе фатениот ритам.