Сите детали пред ждрепката во ЛШ – Во какво друштво ќе биде Вардар?

Погледите на ракометните вљубеници низ Европа утре ќе бидат вперени кон лајвс-стримот од првата ждрепка пред стартот на новата сезона во Лигата на шампионите.  Веќе се познати 32 учесници во машкото и женското елитно натпреварување, кое од септември ќе се игра по друг формат.

Две групи во кои ќе има по осум екипи ќе играат двокружно, а пред ждрепката 16 тима се поделени во четири шешири за разлика од лани кога беа во осум. Од сите шешири по два тима ќе бидат во групата А, а другите два одат во групата Б.

Во првата фаза два тима од иста држава нема да се најдат во иста група, па тоа значи дека тимовите од Унгарија, Франција и Германија ќе бидат на различни страни од ждрепката. По 14 одиграни кола, двата најдобри тима продолжуваат директно во четвртфиналето, додека оние од трето до шест место ќе играат осминафинални двомечи. Седмо и осмопласираните го завршуваат настапот.

Тек на ждрепката: 

Чекор 1 – тим од шешир 1 ќе биде извлечен на позициите А1, А2, Б1, Б2 (4 пати)
Чекор 2 – тим од шешир 2 ќе биде извлечен на позициите А3, А4, Б3, Б4 (4 пати)
Чекор 3 – Нант од шешир 3 оди во различна група од ПСЖ 
Чекор 4 – ПИК Сегед од шешир 3 оди во различна група од Веспрем
Чекор 5 – тим од шешир 3 ќе биде извлечен на позициите А6, Б6 (2 пати)
Чекор 6 – Фленсбург од шешир 4 оди во различна група од Кил
Чекор 7 – тим од шешир 4 ќе биде извлечен на позициите А7/Б7, А8, Б8 (3 пати)

Ако ривал на Вардар од првиот шешир биде Барселона, тогаш автоматски ривали стануваат Нант и ПИК Сегед од третиот шешир, а Мотор и Брест ќе бидат во група со Веспрем и ПСЖ. Ако ривал на Вардар од првиот шешир биде ПСЖ, тогаш станува јасно дека Нант нема да биде ривал, но ПИК Сегед ќе биде.

Во другата група би биле Веспрем, Барселона, Нант…Ако ривал на Вардар од првиот шешир биде Веспрем, тогаш сигурно е дека Нант повторно ќе дојде во Скопје, а ПИК Сегед ќе биде во групата со Барселона и ПСЖ како лани. Останува Кил и Фленсбург да бидат распределени во две групите, па ако Вардар го добие Кил, сигурно нема да игра со Фленсбург и обратно.

Ждрепката ќе се одржи утре во Виена со почеток во 18:00 часот.