Сираба Дембеле се повреди, остана без Олимписки игри

Поранешната ракометарка на Вардар, која во моментов ја има капитенската лента во репрезентацијата на Франција, Сираба Дембеле-Павловиќ дозна лоша вест, а таа е дека нема да биде дел од националниот тим на Олимписките игри во Токио

Дембеле-Павловиќ има сериозна повреда на ахиловата тетива на десната нога и поради тоа ќе мора да мирува неколку месеци. Ова е лоша вест и за селекторот Оливие Крумбхолц.

„Оваа повреда не можеше да се случи во полошо време. Олимписките игри требаше да бидат моето последно натпреварување со селекцијата на Франција и многу ми е тешко. Ќе ми недостига играњето за националниот тим. Во Токио требаше да го финишираме циклусот од пет години. Сепак, мора да го прифатам ова. Меѓутоа со години бев во луд ритам и на тренинзи со голем интензитет што на моменти беа натчовечки напори. Имав намера да ја завршам мојата кариера на терен и во репрезентацијата и во тимот на ЧСМ Букурешт. Сакав да го испочитувам договорот до јуни во 2022 година, но очигледно ќе биде тешко да се вратам во форма и физички да се чувствувам добро“, вели Сираба Дембеле-Павловиќ.

Ќе биде навистина тешко и за селекторот на Франција кој ќе мора да направи состав без капитенката, па ќе мора да има нов лидер на теренот, но и нова ракометарка која ќе треба да ја замени адекватно Дембеле-Павловиќ.