Син на екс македонски репрезентативец е најголема опасност за Еурофарм Пелистер

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер го очекува гостување во Германија кај украинскиот првак Мотор Запорожје во рамките на четвртото коло од Лигата на Европа.

Мотор Запорожје досега забележа три порази во второто по ранг европско клупско натпреварување, од Фуксе Берлин, Бидасоа Ирун и Архус.

Најдобар стрелец во тимот е Игор Турченко, левиот бек кој има 22 година и е син на некогашниот македонски репрезентативец Сергеј Турченко. Тој играше долго време за Младост Богданци, а кратко беше и во Климент Охридски и во Борец Велес.

Игор Турченко во Лигата на Европа на три меча постигна 21 погодок, додека во Втората Бундес лигата, Мотор Запорожје има одиграно 13 натпревари, на кои забележа само две победи.

И во ова натпреварување, Турченко има постигнато 95 погодоци, а вториот стрелец во екипата е Дмитро Горига, кој има скоро половина помалку 53. Несудениот вардарец Божо Анѓелиќ има 29 гола, додека Литванецот Јонас Трухановичиус се нема вратено во идеална форма и досега постигна само шест гола.

Јасно е од каде доаѓа најголемата опасност кон голот на Еурофарм Пелистер во вторник, но не треба да се заборави ниту на капитенот Захар Денисов на лево крило, како и на пикерот Дмитро Тјутјуник.

Натпреварот меѓу Мотор Запорожје и Еурофарм Пелистер се игра во вторник во Диселдорф со почеток во 18:45 часот.