Се создава дрим тим во Љубљана – екс ракометарки на Вардар и Металург потпишаа за Крим

По Драгана Цвијиќ, Тјаша Станко, Андреа Лекиќ и Барбара Аренхарт, словенечкиот Крим објави за уште четири нови ракометарки во тимот.

Станува збор за средниот бек Алисон Пино, десното крило Катарина Крпеж Слезак, левото крило Сања Радосављевиќ и повратничката во тимот – десниот бек Алја Варагиќ.

Екс вардарката Пино се враќа во Крим, откако во меѓувреме играше за Брест, Иси Париз и Будуќност, додека екс членката на Металург, Крпеж, по заминувањето од унгарскиот ЕРД оваа сезона ја игра во рускиот Ростов Дон.

Радосављевиќ е српска репрезентативка што игра во унгарскиот Вац, додека Варагиќ по паузата за мајчинство се враќа на терените и ќе формира дуо со француската репрезентативка Уголин на десната бековска позиција.

Ако на овие ракометарки се додадат оние што се веќе во тимот – Рисовиќ, Ван Хреј, Плетикосиќ, тогаш Урош Брегар ќе има сериозен ростер на располагање способен да се бори за завршницата во Лигата на шампионите.