Се раѓа нов проект во Србија: Сакаме трофеј во Лигата на шампионите!

Денес во Србија, поточно во српската престолнина Белград, беше претставен новиот проект во женскиот ракомет.

Повратникот во најквалитетното натпреварување во Србија, Црвена Ѕвезда, која создаде конкурентен тим за освојување на титулата, има високи амбиции и за европска сцена, но најпрво ќе треба да ја заврши домашната задача и да дојде до посакуваната титула.

Во големиот проект на Црвена Ѕвезда се вклучени познати ракометни имиња, па така тренер на Црвена Ѕвезда ќе биде некогашниот селектор на женска сениорска репрезентација на Србија, Саша Бошковиќ. Искусниот стратег во 2013 година ја предводеше Србија до сребро на Светското првенство.

Освен Бошковиќ, во клубот е ангажиран некогашиот кружен напаѓач на српската репрезентација Раско Стојковиќ, кој имаше богата играчка кариера настапувајќи за Мешков Брест и Келце.

,,Поставивме високи цели за оваа и следната сезона. За да поминете илјада километри, треба да го направите првиот чекор. Тоа го направивме со освојување на турнирот „Ѓорче Петров Куп 2023“ во  Македонија. Ѕвездата е безвременска, ќе живее подолго од сите нас. Ние сме најголемото спортско друштво во светот. Овој проект не е временски ограничен, но веќе ќе се подготвуваме за следната сезона за освојување на титулата во Лигата на шампионите”, изјави директорот на Црвена Ѕвезда, Милан Вујко.

Црвена Ѕвезда во сезона 2014/15 го имаше последниот настап на европска сцена. Во последните неколку сезони клубот правеше големи напори за да направи камбек во суперлигашката конкуренција.