Се изнаслушаа критики, ама покажаа дека можат: Талески и Кузмановски против Данска – одличен ПЕТ!

Македонија во Скопје ја сруши светската велесила Данска и славеше со 33-29 во натпреварот од квалификациите за Европското првенство догодина во 2022 година.

Селекторот Кире Лазаров по овој дуел изјави дека им дал шанса на некои ракометари чии квалитети беа оспорувани од македонската јавност, а јасно е на кои играчи мислеше.

Филип Кузмановски и Филип Талески особено, ем покажаа дека кога нема притисок може да одиграат одлично и против едни светски прваци, ем докажаа дека можат двајцата да играат заедно.

Нивните критичари веројатно сега нема да можат да им најдат забелешки за играта, бидејќи беа двајцата наши најефикасни ракометари на овој дуел и постигнаа по пет погодоци.

Следен натпревар на кој ќе можат да покажат дека ова не било само моментален блесок е в недела повторно против светскиот првак Данска.