СЕДМЕРЕЦ : „Шпанска мушичка“ и македонска практика

Шпанците си ги бараат парите, а ние им ги бараме мааните

1.Кој сака, кога сака, кому сака…

Така некако Шпанците и опишаа на Европа како функционира(л) двојниот европски шампион во изминативе „златни години“. Не знам дали дека почетокот на март во ракометот е „најтапа“ период , некаде на половина меѓу јануарските репрезентативна тензија и јунската клупска завршница или случајно така се погодува, ама некако редовно 2-3 години по ред, во март  излегува „шпанската мушичка“  околу Вардар.

Ако ви текнува, почна пред некоја година со она познато интервју на поранешниот вардарец Жоан Канељас со кое се урна идиличната слика за „пилето и млекото“ во македонското ракометно „ел дорадо“ , но и  „табуто“  дека платите се чекаат, ама за нив не се зборува јавно. Уште помалку пред медиуми. Чувај Боже!

Потоа и „ел команданте“  од Париз спомена дека и тој не е „на чисто“ со Вардар и се уште има заостанати сметки за наплата.

Сега Шпанците тргнаа уште помасовно во нова офанзива. Во шпанските медиуми  ја откриваат и другата страна на приказната  и одново го отвораат прашањето за платите и за  долговите во Вардар, за „снежната топка“ што станала лавина, за финансиската практика „кој сака, кога сака, кому сака…“ Си ги бараат парите, бараат правда и заштита од ЕХФ и директно или меѓу редови, санкции за двојниот шампион и за „таквите како него“  што брзо блеснале, а сметките не си ги платиле.

Во Македонија пак, по практика, ретко кој вистински го гледа проблемот таков каков што е, дури и кога тој тлее со години.  Заврши идилата, па некогашните „херои“ што многу зборуваат по медиуми, одеднаш станаа неблагодарни, просечни и злонамерни, а ние дарежливи и кадарни.  Лути што некој таму со „разголена вистина“ ни ја извалкал радоста и идилата, смислуваме разно-разни теории на заговори и валкани игри дека ете сакаат намерно да внесат немир во Вардар пред пресметката со ПИК во ЛШ, оти унгарскиот тим всушност е шпански…И во сета таа празнина и лутина, по правило, виновникот најчесто го бараме на погрешна адреса. Ако и воопшто бараме нешто повеќе од селфи-среќа на трибини.

Така беше и на времето и со Металург. Така некако му доаѓа и сега со Вардар.

2.Пролетен прилив

Некако набрзо по „шпанската интервенција“, стигна ново ветување од газдата на шампионот дека платите ќе бидат платени и никому нема да остане должен. Ајде да видиме.

Во меѓувреме, официјално стигнаа двете македонски засилувања во редовите на Вардар, а неофицијално, доаѓаат и нови спонзори. Како сакате гледајте на работите, ама  Борко Ристовски и Марко Мишевски, сепак најавија  една нова пролет во „црвено-црниот“ табор и колку-толку, помирен тек до крајот на сезоната.

„Главниот“  вети плати, „почесниот“ носи  засилувања и  спонзори во најава.  Нешто секако, тргна на добро.

Вардар по подолго време запиша и гостинска победа совладувајќи го Нексе во првиот четвртфинален дуел и сега има отворен пат и речиси веќе обезбеден пласман на Ф4 во одбрана на титулата во СЕХА. За среќа на Вардар и за несреќа на тие на кои „министерот“ не им е баш во „омилените“, Борко ја фати последната топка и ја одбрани победата на вардарци, потврдувајќи дека неговото искуство и тоа како може да биде од полза за Вардар. И не верувам дека оваа одбрана на било кој начин ја загрозува иднината на помладиот на голот, Марко Кизиќ, како што милуваат да ја свртат оние најзагрижените. Да бидеме искрени,  на овие загрижените, до скоро баш и не им беше многу гајле за развојот на македонскиот талент додека во Вардар растеше Милосављев или предност добиваа голмани од калибарот на Гедбан и на Кугис, ама сега е Борко на голот, а тоа е веќе дополнителна инспирација.  Што се однесува пак за Марко Кизиќ, тој има доволно и памет и талент да израсне во голман од голем калибар со кој уште многу години во иднина Македонија ќе биде сигурна меѓу стативите. Па и Вардар ако се паметни.

  1. Ги сакале или не – тие се!

Некој не го сака „министерот“, на друг не му чини „директорoт“, на некој не му е по волја „претседателот“, друг е скаран со судиите… И така до бескрај се вртат комбинации и ситуации, па станува интересно дури и во тапа-период кога главно се обидуваме да сфатиме кој за кого игра во лудата размена на дресови и играчи со двојни лиценци. Ама за тоа потоа, во некоја друга прилика.

Во Македонија ракометот дефинитивно е повеќе од игра и обичен спорт. Има тука и спортски дух и помалку инает. И уживање и традиција. И стари кавги, но и стари пријателства. Некогаш затворена врата, друг пат пружена рака… И тоа, на крај и не е така лошо. Напротив.  Можеби Панчев не може да разбере, ама тие што ги сакаат оние 20х40, можат многу добро.

И не се тоа само голови и резултати, туку и многу други моменти што го „зачинуваат“ овој спорт.  Како во анегдотите на нашите најдобри судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, за Вујо и за Лино – „тогаш се тепавме, ама сега сме пријатели…“

Како  враќањето на „министерот“ и новата улога на „директорот“…

И да не биде само Борко главна тема на ракометните дискусии, РФМ го врати на сцена Левче Китески како директор на двете репрезентации, на местото на досегашните судии-директори.  Дагау…

За едни шок-изненадување, за други логично поставување.

И поранешниот претседател на Металург е еден од оние ликови на македонската ракометна сцена кои, колку и да сакаш, ама баш никако не поминуваат незабележано.

Ги сакале или не – тие се тука! И, дефинитивно,  оставиле свој белег на спортот. Впрочем, да не било така, јавноста немаше толку „жолчно“ да се расправа. Нели?

Ако сите те фалат, не е на добро!

Ако ич не те споменуваат, е  уште полошо.

Исправна или погрешна таква е македонската практика.