СЕДМЕРЕЦ: РК Самко и РК Шарко

Или како може легално да се „изиграат“ прописите

1.Меѓу два огна

Што е подобро за иднината на македонскиот ракомет – да има силна лига што ќе продуцира поголем интерес и квалитет или да има силни претставници во СЕХА и во ЛШ, ослободени од домашните обврски и привилегирано сместени директно во суперлигашкиот плеј-оф? И, зошто овде, „по дифолт“ едното мора да го исклучува другото?

Прашањето за промена на системот на натпреварување и за враќање на „сехашите“ во домашното првенство што како идеја е актуелно веќе подолго време, на годишното Собрание на РФМ овој пат, беше отворено и како официјален предлог поддржан од повеќето клубови. На другата страна на барикадата, очекувано, застанаа шампионот и вицешампиониот за кои враќањето во македонската Супер лига, сумирано, би било пречка на нивниот европски напредок и развој. Чудна работа!

Едниот речиси банкротиран, другиот тазе фузиран…

А, можеби тука некаде би бил и одговорот зошто трите фронта за нив би биле „убиствени“ и физички неиздржливи, а се реалност за Веспрем, за Мешков Брест, па дури и за словачкиот Татран Прешов. Не слушнавме одговор.

Нема ни некое издржано образложение зошто за Вардар, за Еурофарм Пелистер или за кој и да биде друг во иднина, би било срамота и губење време да игра со Радовиш, со Струга или со Борец, а ваму, престиж и „висок напредок“ е да играат со Кинезите што учат ракомет во Загреб или пак со деца од третата постава на Спартак и на Војводина? Каде е тука добивката, а каде загубата?

Ако може Веспрем, треба да може и Вардар. Ако може Татран зошто да не може Пелистер! По некоја логика, тоа би бил напредок и развој. Или не?

РФМ остана да решава меѓу два огна, со соломонско решение – комисиски да се разгледа ситуацијата во наредните 2-3 месеци и да се реши за иднината, како ќе изгледа лигата од 2021/2022.

Па, да видиме кои аргументи ќе излезат посилни пред Комисијата, оние на масата или оние на елитата.

2. Кога средствата ја уништуваат целта

Ракометот е спорт број еден во Македонија, масовен, најуспешен…Силна лига во перспектива значи и силна репрезентација. Силна конкуренција – полни трибини. Добар план и стратегија, на крај и финансиска добивка.

Ист клуб со два тима во Супер лига и слободна неограничена размена на играчи на Тим 1 и Тим 2 исто така не е најсреќно решение за квалитет и фер-плеј и за „еднакви шанси“ за сите. Помалите клубови сега масовно го кренаа својот глас и за тој проблем. Поголемите пак, покажаа сила и надмоќ, па и дрскост дека тие може и легално да ги „изиграат“ прописите. Едни веќе имаат во ист клуб и по неколку правни субјекти. Други се пофалија дека сега ги регистрираат…

Па така во жарот на дискусијата на Собранието на РФМ, меѓу другото, слушнавме и дел од „тактиката“ и стратегијата на вардарци – „ако не може да игра Вардар 2, ќе го смениме името во РК Вардар СК…или ќе го регистрираме клубот како РК Самсонеко или РК Марко…???!!!!

Кога целта ги оправдува средствата ни името не е веќе светост. Така некако му доаѓа, колку и да звучи „грубо“. Дури ни светото име вардарово. Па нека е и за вториот, третиот или кој и да е тим од „црвено-црниот“ бренд. Впрочем, тоа нема да биде прв пат. Во новата ера вардарова и пред седум години имаше еден таков обид да се „начне“ името на Вардар. Ама кај вардаровите навивачи тогаш не помина ни „Македонија“, ни „Аеродром“, колку и да беше предлогот „аргументиран“ во интерес на тоа и тоа… Прашање е дали би поминало и сега колку и да е прашањето формално, а вредностите, па, прилично изменашни.

3. Колку пари-толку ракомет

Вардар со пораз од Монпелје ја заврши групната фаза во можеби најтешката сезона досега во Лигата на шампионите. Поразот не беше загрозувачки за пласманот на вардарци во следната елиминаторна осминафинална фаза во ЛШ, но ги закова на шестата позиција во групата и повторно им го донесе ПИК Сегед на „пик“. И уште еднаш ни ја покажа реалноста.

А, таа е и тоа како прецизно отсликана во изјавата на вардаровото крило, а во зорт и бек, Иван Чупиќ:

„Во спортот така оди: колку пари – толку музика. Ова е реалноста на Вардар и мислам дека ние извлекуваме и повеќе отколку штo оваа екипа вреди…Ние во моментов не вредиме за осумте најдобри екипи во ЛШ, ама сепак, утре, задутре пак ќе дојдеме на тренинг и пак ќе сакаме да играме, да бидеме подобри, да победиме кој и да ни дојде следен…“

Таа е реалната слика. И резултат на еден подолг погрешен процес во кој во блесокот на успехот проблемите само се засенуваа, не се решаваа.

Засенување е и кога се бара вината во 2-3 промашени зицери, во голманските измени, а уште помалку во тренерските потези на Стевче Алушовски. Оние што во ваква нерешена ситуација се уште жолчно бараат нов странски стратег кој ќе бил попосветен од овој нашиот очигледно подзабораваат дека Вардар со Писонеро и со пополн состав беше среде Скопје прегазен од Кил и постигна само 4 (четири) гола за едно полувреме, дека со Кокшаров имаше серија тешки порази… Забораваат во каква ситуација седна Алушовски на клупата и со кој играчки ресурси остана шампионот во најновата се уште актуелна криза.

Во таа насока, некои „силни“ вардарци, уште недојдени веќе ги отфрлаат и Борко Ристовски и Марко Мишевски како „непотребни“ за Вардар. А, во тие ептен „стручни“ анализи очигледно забораваат дека шампионот во последно време не може да состави бројка ни за тренинг. Дека само македонските репрезентативци доаѓаат кога другите обично го заобиколуваат шампионот во криза. Дека Мишевски ја напушти Франција, а Ристовски свесно „прежали“ уште една и пол година договор со Бенфика и мирна глава во Португалија затоа што со Вардар ги врзува и нешто повеќе од договор на хартија. Затоа што ним не им е баш сеедно дали Вардар ќе опстои. И, претпоставувам, затоа што му веруваат на тој што со децении не се откажува и сега, пак го спасува клубот и нема ни „куку“, ни „леле“.

Ако ги оставиме трендот и емоциите на страна, враќањето на двајца македонски репрезентативци во „црвено-црниот“ дрес ја враќаат вербата дека Вардар сепак, ќе биде спасен, а не згаснат како што некој таму некаде најавува.

Ајде малку да погледнеме на работите и од таа реалната страна. Затоа што само Вардар е Вардар. Не е ни Самко, не е ни Шарко.