Сагосен и Колстад ќе бидат еден од ривалите на пелистерци: Сакав да добиеме ваква група

Норвешкиот Колстад за првпат ќе биде дел од Лигата на шампионите, а една од најголемите причини што овој тим доби вајлд-карта е камбекот на Сандер Сагосен во татковината.

Сагосен го коментираше исходот од ждрепката за групната фаза во елитното натпреварување, каде Колстад ќе се сретне и со Еурофарм Пелистер, но и со поранешните негови екипи – ПСЖ и Кил.

„За мене ваквата група беше посакувана варијанта. Ќе имам можност да играм против поранешните екипи. Ќе имаме големи предизвици во натпреварите против топ тимовите, кои ќе ни покажат дали можеме да им се спротиставиме на големите. Секако, имаме една цел – влез во плеј-офот“, вели Сагосен.

Покрај Еурофарм Пелистер, Колстад, Кил и ПСЖ, во групата А од Лигата на шампионите ќе играат уште и Загреб, Келце, Алборг и ПИК Сегед.