Сагосен: Знам дека многу пари се во прашање и дека ЕХФ сака да се одигра Ф4, но…

Со дозвола на клубот, играчот на ПСЖ Сандер Сагосен се врати во Норвешка, во Трондхајм, за да биде со семејството. Во интервју за францускиот портал lequipe.fr, тој го коментираше новиот календар на меѓународни натпревари што го објави ЕХФ.

Тешко е  да се коментира нешто сега. Сакам сè да се врати во нормала и можеме повторно да играме ракомет. Очигледно, невозможно е да се завршат сите натпревари до јули. Сигурен сум во тоа. Невозможно е да се игра секој ден, особено кога станува збор за меѓународни натпревари. Ако се игра на овој начин, тогаш повредите се неизбежни“ рече Сагосен.

Сагосен се приклучува на низата ракометари на кои не им се допаѓа Ф4 од Лигата на шампиони да се игра во август.

„Што се однесува до промената на терминот на завршниот турнир во Келн за 22-23 август, би било жално и чудно да ги играм сите натпревари за ПСЖ, а да не можам да ја завршам оваа авантура во Келн со мојот тим. Ги разбирам проблемите со термините, но ќе биде премногу чудно да се сретнам со поранешните соиграчи, како играч на Кил. Ова е сосема луда ситуација. Како и сите други, јас разбирам дека многу пари се во прашање и дека ЕХФ сака да се одигра фајнал дорот. Исто така, навистина сакам да играм таму, но со тимот со кој ги играв сите натпревари на патот до него. продолжи Норвежанецот.

Исто така најдобриот стрелец на Европското првенство зборуваше и за причината за која дошол во Париз и за можноста да игра против ПСЖ во Келн.

Секако, дојдов во Париз да ја освојам Лигата на шампионите. Ќе биде тажно да си заминам без да играм решавачки натпревари и да не го освојам трофејот. Сепак сето ова изгледа мало во споредба со тоа што се случува во светот. Ако играм за Кил, нема да одбијам да играм против ПСЖ. Јас секогаш сакам да играм. Доколку дојде до таква ситуација веќе да бидам играч во германскиот клуб, ќе им се извинам на француските навивачи, но ќе мора да излезам и да покажам се што знам. Ова е спортот. Но, ќе се надевам дека нема да дојде до тоа.