РФМ со „колективна одговорност“ – наместо комесар ќе има комисија за делегирање

Наместо комесар на лигата кој ќе носи одлуки во иднина неговото место ќе го заземе комисија за спроведување на натпревари. Одлуката за „испомош“ на комесарот беше потврдена на последниот онлајн УО на РФМ. Клубовите и не биле консултирани за ваквата одлука ниту пак биле прашани за нивното мислење.

Ги имаше традиционалните Конференции на клубови каде се усвојуваа пропозиции, се разговараше за проблемите. Сега се одеше преку е-маил!

Во иднина на местото на Славе Николов кој според клубовите и повеќе од коректно досега ја извршуваше работата во однос на делегирање, ќе има три члена комисија. Членови на новата комисија се: Славе Николов (актуелниот комесар) Александар Велковски (новоизбран извршен директор во РФМ) и Филип Христов (поранешен спортски директор на Металург кој е сега во пензија).

На УО на РФМ не беше објаснето која ќе биде улогата на оваа комисија и како ќе функционира, иако комисија значи разводенување на работата и можен обид за префрлање на одговорноста.

Во минатото имаше обиди и постоеја комисии за делегирање, и секогаш имаше негодување од клубовите. Затоа и своевремено се бараше постоење на една личност која ќе има право да решава и делегира. Постоењето на комесар беше прифатено од сите клубови.

Најглавната задача на комесарот беше спроведувањето на лигите и секако делегирањето на судии за натпреварите. Ракометот е спорт каде судиите понекогаш имаат големо влијание, па затоа е особено важно како ќе се врши делегирањето на судиите и најдобрите да ја делат правдата на најтешките и најважни натпревари, и секако да не подлегнуваат на различни притисоци.

Во иднина ќе видиме дали ќе има негодување на судењето и делењето на правдата и дали ќе има фаворизирање. Тоа ќе биде показател дали е одлуката исправна.