РФМ ги консултира клубовите – Суперлигата да се игра секој понеделник и петок

Би требало сите екипи да бидат тестирани пред стартот на првенството, а по второто коло секоја седмица (од понеделник до петок) би биле тестирани од тројца до петмина членови на клубовите по случаен избор (ракометари или стручен штаб).

Ситуацијата со коронавирусот во Македонија полека се нормализира, но експертите најавуваат втор бран на зима. За да нема прекин на Суперлигата, чиј регуларен дел треба да се игра од средината на септември до средината на декември, Ракометната федерација на Македонија размислува за играње во забрзан ритам.

Сите екипи од Супер лигата ги почнаа подготовките, играат контролни натпревари и се подготвуваат за предвидениот почеток. Според протоколите што се усвоени уште во јули сите клубови треба да направат тестирање пред секој натпревар. Турнирот во Струга покажа дека може да се организираат натпревари и сите да се придржуваат кон протоколите.

Клубовите во текот на вчерашниот ден веќе се известени за овој предлог за играње со забрзан ритам, и повеќето од клубовуте го прифаќаат. Би требало сите екипи да бидат тестирани пред стартот на првенството, а по второто коло секоја седмица (од понеделник до петок) би биле тестирани од тројца до петмина членови на клубовите по случаен избор (ракометари или стручен штаб).

Натпреварите од првенството би се играле во понеделник и петок, па направените тестови ќе важат за две кола. Трошоците за корона-тестовите би требало да паднат на товар на РФМ. Една од опциите е и самите екипи да си ги платат тестовите, но тие да бидат со голем попуст со оглед н атоа што ќе треба да се прават многу тестирања и често.

Според ваквиот план, натпреварите од Супер лигата би завршиле најдоцна до 30 октомври, пред стартот на ЕХФ недела и почетокот на квалификациите за Европското првенство. Ќе се избегне потоа играње во ладни сали среде декември.

Но сигурно ваквиот начин на играње ќе има и негативни ефекти. Ракометарите ќе играат само месец и половина, а потоа ќе бидат платени од клубовите само за тренинзи. Долгата пауза без натпревари од ноември до февруари или март може да се одрази лошо врз формата, па прашање е како екипите ќе го дочекаат плеј-офот. Дел од новите суперлигаши немаат голем играчки кадар што може да издржи секоја седмица по два официјални натпревари, па затоа дел од нив веројатно ќе бидат против ваквата идеја на РФМ.

Засега ова се само консултации со клубовите, па РФМ сигурно ќе потврди дали ќе има промена во предвидениот календар.