Руи Силва: Чувствувам дека можеме да направиме нешто историско против Вардар

Порто го пречекува Вардар во 13. коло од Лигата на шампионите и освен што имаат предизвик да играат против европскиот шампион во својата сала, тие имаат и уште една важна задача, да обезбедат пласман во најдобрите 16 екипи. За тоа им е потребен барем бод за да бидат сигурно во нокаут фазата.

Составот на Магнус Андерсон е во лоша серија од три последователни порази од Мотор, Веспрем и Келце па дуелот со Вардар е шанса да ја прекинат оваа резултатска криза. Во првиот дуел во Скопје Порто загуби со 32:27, иако според резултатот изгледа сигурна победа на Вардар сепак португалците имаа предност по првиот дел 16:14.

Средниот бек на Порто, Руи Силва говореше за очекувањата од дуелот,кој e посебен бидејќи пласманот во нокаут фазата може да биде обезбеден против европскиот првак.

„Не смееме да заборавиме дека кога играме против големи екипи тие имаат големо искуство од вакви натпревари кое може да биде клучно и може да ја направи разликата на мечот. Фактот што знаеме дека можеме да обезбедиме пласман во најдобрите 16, а особено што тоа е против Вардар натпреварот го прави посебен. Секогаш има вознемиреност пред натпреварите но покажавме во претходните дуели дека тоа не влијае на нас“, коментираше португалецот.

Руи Силва не штедеше комплименти за Вардар, но чувствува дека со Порто може до историска победа над европскиот првак.

„Вардар има играчи со одлични квалитети, многу се опасни од акциите преку пивот и имаат многу трпелив и ефикасен седум на шест што се покажа на последниот натпревар. Чувствувам дека можеме да продолжиме со добрите изданија сезонава и да направиме нешто историско. Но мораме да останеме фокусирани и да ја сочуваме желбата за развој, само на овој начин ќе постигнеме одлични резултати“, рече Руи Силва.

Натпреварот Порто – Вардар се игра во сабота со почеток во 16 часот во Драгао арената во Порто.