Ростов Дон остана без тренер, Амброш Мартин си замина

Екипата на Ростов Дон која важи како еден од кандидатите за освојување на титулата во Лигата на шампионите во новата сезона остана без тренер на стартот на подготовките. Причината за тоа е раскинатиот договор со стратегот Амброш Мартин.

Шпанецот ги објасни причините поради кои се одлучи на ваков чекор, со што потврди дека раскинувањето е на негово барање.

„Ова беше навистина тешка одлука за мене. Имав две прекрасни сезони во оваа екипа. Направивме многу работа и имавме големи победи. Се чувствував одлично во Ростов Дон. Единствената причина поради која одлучив да ја напуштам екипата е семејството. Сакам да бидам поблизу до децата, кои ми недостигаат. Постојат важни работи во животот за кои некогаш мора да донесете тешки одлуки“, вели Амброш Мартин.

Ова не значи дека комплетно се повлекува од ракометот во Русија.

„Заминувам од Ростов Дон, но ќе останам во репрезентацијата на Русија и со задоволство ќе се вратам во салата каде што игравме досега, но за да ги играме натпреварите со репрезентацијата“, коментира Мартин.

Тој во последните две години успеа да помогне за кревање на нивото на квалитетот во Ростов Дон, но сите ги изненади со одлуката.