Романците (пре)многу самоуверени – нема да имаме проблеми со Македонија

Во романските медиуми се уште топ тема е победата над Црна Гора на квалификацискиот турнир за ОИ, што сепак беше пирова и не значеше пласман на Олимписките игри во Токио.

Романците не размислуваат за бараж двомечот со Македонија за пласман на Светското првенство во Шпанија, но веруваат дека нема да имаат проблеми со нашата репрезентација.

„Не би требало да имаме проблеми да обезбедиме место на СП. Македонија нема играно на Мундијалите од 2007 година. Тогаш тие редовно играа на големите натпреварувања. Последен пат играа на ЕП во 2012 година, каде што беа на последното место. Ѕвездите во тимот на Симе Симовскки играат во Романија. Тоа се Елена Ѓорѓиевска, Елена Ливриниќ, Марија Штериова и Јована Саздовска. Македонија има само една ракометарка што игра во Лигата на шампионите. Романија секогаш досега била дел од Мундијалите“, пишува „ГСП“.

Македонија со три победи над Исланд, Литванија и Грција обезбеди место во баражот.

„Ривалот со три победи во претквалификациите стигна до баражот. На прв поглед, тимот на Ади Василе нема да има проблеми. Освен Сара Ристовска, која игра во ЦСКА Москва, најопасни ракометарки од ривалот играат во нашето првенство – Ѓорѓиевска, Ливриниќ, Саздовска…Други играчи на кои треба да се внимава се Мицевска и Дабевска“, пишува „Про Спорт“.

Првиот меч меѓу Македонија и Романија ќе се игра во Романија на 16 или 17 април, додека реваншот ќе биде во Скопје на 20 или 21 април.