Ристовски откри тајна: Присуството на Лазаров на трибините ме мотивира повеќе

Вардар не успеа да ја врати титулата од Супер купот откако во драматичен меч загуби од Еурофарм Пелистер со 22-23. Голманот на „црвено-црните“ во второто полувреме имаше серија добри одбрани и Вардар во завршницата направи предност од два гола, но не успеа да ја задржи.

Иако сезонава беше најавен како помошник на голманите, сепак Борко Ристовски меѓу стативите брани и малку недостасуваше повторно да биде „џокерот“ како што тоа беше на мечот во Битола од ланското превенство.

На натпреварот во Охрид присуствуваше и селекторот на репрезентацијата на Македонија, Кире Лазаров, а неговото присуство било голема мотивација за Ристовски да покаже дека се уште брани како во добрите денови и да му помогне на Вардар во битката за трофејот во Суперкупот, па потоа и за во првенството.

„Мислам дека во еден момент Мартин Томовски требаше да ја носи тежината на натпреварот и притисокот во самиот дуел, но и да биде лидерот во Вардар. Но му се случи мал пад, па морав јас да влезам и бев мотивиран од присуството на селекторот Лазаров, кој беше на трибините. Тоа е една убава мотивација за можеби во некој момент да ме повика во репрезентација”, заврши Ристовски.

Двајцата беа дел од најголемите успеси на репрезентацијата во минатото, како нејзини членови и како цимери.