Ристовска: Да нема притисок, против себе ќе имаме моќни репрезентации

Десното крило Сара Ристовска, која е меѓу најискусните во сениорската репрезентација на Македонија, го најави ЕП во Македонија.

Таа побара поддршка од јавноста и се надевам дека нивото на женскиот ракомет ќе биде уште повисоко во периодот што следува.

„Јас ќе се вратам десет години наназад, колку што сум дел од оваа сениорска репрезентација. Сме играле и претквалификации и квалификации, но никогаш не сме биле дел од едно големо натпреварување, па затоа сум благодарна што ни ја укажаа можноста да играме едно ЕП, и тоа на домашен терен. Од ракометен аспект, имаме големо подмладување во последните години, се собираме на секои два месеци и можам да кажам дека напредокот е голем на секој нареден собир, се надевам дека тоа ќе биде забележливо и на овој европски шампионат. Имаме голем број на талентирани ракометарки, се надевам дека ќе продолжиме да се развиваме како репрезентација и дека ќе оствариме заеднички успех. Би апелирала да нема преголем притисок, бидејќи ова е прво големо натпреварување за нас, против себе имаме моќни репрезентации, за нас најважно е дали сме ние задоволни од тоа како ќе одиграме. Јас верувам во нашата репрезентација и верувам дека ќе имаме успех, дај боже да биде сега, но и доколку не се случи, пред нас е добра иднина и во наредните години ќе ја израдуваме нацијата“, изјави Сара Ристовска.

Македонија е во група со Франција, Романија и Холандија, а најдобрите три селекции продолжуваат во главната рунда. ЕП ќе се игра во Скопје, Целје, Љубљана и Подгорица од 4 до 20 ноември.