Ристова: Не ме радува толку резултат, колку што ме радува добра игра на екипата

Ракометарките на Вардар по вторпат ја совладаа екипата на Приштина во Еворпскиот куп за жени со 32:27 и обезбедија пласман во третото коло со што остварија одличен успех. На првиот дуел Вардар славеше 39:35.

Тренерот на екипата, Драгана Ристова за 24Ракомет имаше свое видување за натпреварот, пласманот во следната рунда и го истакна задоволството од изданието на своите ракометарки.

„Со оглед на тоа што девојките се млади, растеме заедно од 11 години, па второто коло против Приштина беше едно големо искуство. Мислам дека ова многу позитивно ќе влијае на ракометарките, ќе добијат и самодоверба дека вредат. Во континуитет работиме со истата екипа, дојде до израз квалитетот и самите го чувствуваат тоа, а исто така имаме и репрезетативки. Не ме радуваат многу постигнатите голови, туку како играме комплетно и напад и одбрана. На првиот натпревар бевме шокирани, имавме трема исто така и сега првото полувреме го одигравме добро второто полошо. Не ме радува многу резултатот како резултат, туку добра игра на екипата“, вели Ристова.

Вардар игра одлично и во Женската лига, има пет победи и максимален биланс.

„И покрај тоа што повеќе екипи се засилија пред новата сезона, ние си молчиме и работиме и сметам дека сме на правиот пат. Засега не би прогонозирала ништо за сезоната во домашното првоенство, оставам да одиме натпревар по натпревар па ќе видиме. Немаме големи амбиции пред третото коло во Европскиот куп. Свесни сме дека ракометартките се млади, ростерот на играчи е тој. Имаме и 16 годишни ракометарки, ова за нив е искуство плус додека квалитетот во иднина ќе треба да го покажат. Доколку го поминеме третото коло тоа ќе биде огромен успех за сите“, изјави Ристова после натпреварот со Приштина.

Екипата на Вардар на ждрепката за третото коло во Европскиот куп веројатно повторно ќе биде во улога на носител и ќе има шанса да добие поволен противник против кој ќе се обиде да стигне до нов голем успех.