Рисовиќ го спаси Крим од пораз на гостувањето кај Мец

Заостанатиот натпревар од 11. коло од Лигата на шампионите во женска конкуренција меѓу екипите на Мец и Крим, кој се одигра денеска, помина со многу возбудувања на теренот, подеми, падови и егал завршница, во која бодовите беа поделени откако средбата финишираше со резултат, 27:27.

Ракометарките на Мец имаа фуриозен старт и водство од 3:0 во првите пет минути од натпреварот, а позитивната разлика беше зголемена и на плус четири позитива, 5:1. Екипата на Мец во продолжението од првото полувреме константно беше во водство од два до три гола разлика, додека гостинките од Љубљана започнаа да играат поангажирано од првата половина од првиот дел и од минута во минута полека се враќаа во игра.

По убедливото водство на Мец од 11:7, ракометарките на шампионот на Словенија со серија од 3:0 намалија на минус еден негатива, 11:10. Во завршниот дел од првите 30 минути подобро концентриран на теренот беше домашниот тим. На полувреме резултатот гласеше 17:15 во корист за Мец.

Голманката на Крим, Јована Рисовиќ, беше главен виновник за неизвесното второ полувреме, во кое главно се играше гол за гол, а по нерешениот резултат од 20:20, Крим конечно успеа да го „скрши“ мразот и со голот на Харма ван Креј поведе со 21:20. Крим на десетина минути пред крајот успеа да обезбеди активен резултат од 24:22, но за само неколку минути игра домаќинките дојдоа до израмнување, 24:24.

Последните пет минути минаа во егал бидејќи ниту една од двете екипи не успеа да создаде поголема разлика од еден гол. И двете страни постигнаа по три погодоци во низа за нерешен резултат, 27:27. Во последниот напад на Мец, Рисовиќ успеа да го одбрани голот на својата екипа. Составот на Крим не успеа да постигне погодок во последниот напад бидејќи немаше доволно време. Тоа значеше поделба на бодовите од овој дерби дуел во рамките од Групата Б.

Најдобра на теренот беше голманката Јована Рисовиќ со 12 интервенции. Најефикасни во Крим со по пет погодоци беа Катарина Крпеж Шлезак и Тјаша Станко. Во редовите на Мец листата на стрелци беше предводена од Луис Бургард со пет погодоци од седум обиди.