Репрезентативен голман го засили новиот суперлигаш: Трајкоски потпиша за Алкалоид!

Новиот суперлигаш Алкалоид го пополнува својот ростер со повеќемина македонски репрезентативци. Последното име на досегашната листа е искусниот чувар на мрежата Благојче Трајкоски.

Голманот од Прилеп, четири сезони бранеше во Еурофарм Пелистер и во вториот тим на битолскиот клуб, но реши дека е време за нов предизвик во кариерата. Иако имаше понуди и од други суперлигаши, сепак Трајкоски се реши да ја прифати понудата од Алкалоид.

Новиот проект Алкалоид зад кој стојат претседателот на Ракометната федерација на Македонија и селекторот Кире Лазаров, станува се попривлечен за македонските репрезентативци од сите категории. Чуварот на мрежата Трајкоски своевремено беше дел од националниот тим на СП 2017 година, а доби повик за настап од Лазаров на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка.

Трајкоски потекнува од Прилеп, ги бранеше боите на МРК Вардар, Куманово, Радовиш, МАКС Струмица и Охрид, пред да се пресели во Битола, каде настапуваше од 2018 година.

Покрај Трајкоски, Алкалоид досега го засилија уште тројца репрезентативци – Никола Маркоски, Марко Митев и Михајло Младеновиќ. Понуди беа испратени до повеќемина, но дел од нив одговорија негативно на понудата и ќе останат во актуелните клубови. Алкалоид без пораз со 27 победи и едно реми ја заврши сезоната во Првата лига и обезбедија промоција во елитната конкуренција.