Ракометарите на Вардар и Еурофарм Пелистер со одлични настапи во Саудиска Арабија

Новиот голман на Вардар, Али Сафар, како и членот на Еурофарм Пелистер, Елмир Граџан, во моментов настапуваат на Азискиот клупски шампионат во Саудиска Арабија.

Сафар е член на Ал Кувајт, тим што обезбеди пласман во полуфиналето и ќе разигрува за титулата. Новиот вардарец беше одличен на натпреварите од групата, а најмногу одбрани собра на средбата со узбекистанскиот АГМК. Ал Кувајт славеше со 34-18, а Сафар запре 14 удари. На дуелот со Ал Духаил, Сафар бранеше кратко и забележа една одбрана.

За Ал Кувајт настапуваат двајцата поранешни вардарци, Вук Лазовиќ и Стеван Вујовиќ, а ривал на овој тим во полуфиналето ќе биде катарскиот Ал Араби.

Граџан настапува за Ал Вехда од Саудиска Арабија, а овој тим ќе се бори за седмо место против Ал Салмија од Кувајт. Босанскиот репрезентативец од Еурофарм Пелистер на петте средби од групната фаза имаше одлични настапи и даде 23 погодоци.

Утре се играат двете полуфинални средби – Ал Араби и Ал Кувајт, Ал Духаил – Ал Наџма, додека в недела е мечот за титула.