Радовиќ го стави потписот, дефинитивно верен на Еурофарм Пелистер

Репрезентативецот на Црна Гора, Мирко Радовиќ како што беше најавено ја продолжи соработката со составот на Еурофарм Пелистер и тој продолжува со настапите во редовите на тимот од Битола.

Радовиќ е играч кој е меѓу интернационалците кои се најдолго во Битола така што веќе има добра адаптација, а воедно е и играч кој настапува на позициите десно крило и десен бек, па може да одговори на неколку места во екипата и во одбрана во зависност од потребите.

Дека ќе остане во Еурофарм Пелистер беше познато уште пред неколку дена, па сега само е официјализирано потпишувањето на договорот.

„Тука сум веќе две и пол години и на заедничко задоволство дојде до продолжување на соработката. Се договоривме спонтано, а така е некако најубаво. Сакам да се заблагодарам на цел град, посебно на „Чкембарите“. Тоа што го доживеав во последниот еден месец не го сонував и во најлудите сништа. Полно ми е срцето и сакам да им се заблагодарам на навивачите и на сите луѓе низ град кои ме поздравуваат и ме бодрат. Битола е мој втор дом и луѓето направија да се чувствувам на секој чекор како дома. Секој ден клубот расте и се гледаат тие чекори. Недостигаа трофеите, останува жал за пропуштеното. Титулите се решаваа во само неколку голови. Ќе видиме следната сезона, кога ќе биде полна салата, ќе биде поинаква и приказната. Знаеме што значат навивачите, цел град и симпатизерите во „Боро Чурлевски“. Нема збор околу тоа“, коментираше Радовиќ.

Тој ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер и следната сезона така што клубот направи добар потег со продолжувањето на соработката со него.