Радовиш со ист буџет и со амбиции за „златна средина“

Тимот на Радовиш во последните неколку сезони секогаш е на линијата меѓу плеј-офот и плеј-аут во Суперлигата, а такви се амбициите на раководството и за следната сезона – златна средина.

Тренерот Љупче Мијалов и понатаму останува да ја води екипата, додека веќе се формира и тимот за следната сезона. Костурот ќе остане ист – договорите ги продолжија голманите Славјан Паунов и Александар Тушев, како и левите бекови Златко Везенковски, Аце Спасов и Ангелче Органџиев.

„Буџетот на тимот останува ист како и во минатите сезони. Има пет екипи што се далеку пред нас, па најважно ќе ни биде да го обезбедиме опстанокот. Сепак со новиот систем на натпреварување се отвора можност да се бориме за плеј-оф, па сигурно ќе се засилиме уште со двајца играчи“, вели директорот на клубот, Игор Конзулов.

Најдобриот стрелец на тимот – средниот бек Ивица Илиев, како и левото крило Зоранчо Стојановски, во наредните денови би требало да го стават потписот на новиот договор, а раководството посакува уште еден бек и пикер за следната сезона.