ПСЖ со моќно издание против Елверум закажа четвртфинале со Кил

Ракометарите на ПСЖ остварија сигурна победа на реванш дуелот од осминафиналето во Лигата на шампионите и ја совладаа екипата на Елверум на домашен терен со 37:30 што беше доволно за четвртфинале.

Избраниците на Раул Гонзалес уште од самиот старт влегоа максимално и го контролираа натперварот. Од 4:4 следуваше серија од три гола за помирна игра во продолжение. До полувремето постојано се зголмеуваше разликата и на паузата ПСЖ водеше 20:14.

Уште по првиот дел беше јасно дека тимот од Франција нема да дозволи изненадување откако на првиот дуел одигра нерешено во Норвешка. Во вториот дел Елверум немаше никакви шанси, ПСЖ играше одлично и сигурно го водеше натпреварот кон победа. Имаа и двоцифрена предност, а во финишот Елверум го ублажи поразот.

Најефикасни во тимот на ПСЖ беа Даинис Кристопанс и Камил Шипжак со по седум гола, додека Конку беше стрелец на шесто гола. Прв стрелец во тимот на Елверум беше Моен Нилсен со десет гола, а пет постигна Каспер Лиен.