ПСЖ не е Вардар, тргна по пресврт, па претрпе катастрофа од Барса

Ракометарите на Барселона си обезбедија финале откако денеска покажаа дека извлекле поука од ланскиот пораз од Вардар и не дозволија ПСЖ да им направи нов пресврт. Барса победи со 37:32 и на тој начин утревечер ќе игра во финалето на завршниот турнир во Лигата на шампионите за сезоната 2019/20.

Екипата на ПСЖ подобро го отвори натпреварот. Влезе посигурно и направи предност од два гола, која лесно ја одржуваше и ја зголеми и на три погодоци при 7:4 во 9. минута.

На стартот многу поголемо внимание се посветуваше на нападот отколку на одбраната што носеше и ефикасна игра и голем број на голови за еден ваков натпревар кој е во полуфиналето од Ф4 турнир во Лигата на шампионите.

Барселона почна да се буди на средина од првото полувреме откако Кевин Мелер на голот почна да запира зицери, а во нападот Дика Мем да погодува без грешка. Добрите минути на двајцата донесоа пресврт откако од 8:10 во 16. минута се дојде до 8:1 и комплетен пресврт во 25. минута.

Тука Барселона веќе го имаше „нокаутирано“ противникот и покажано дека ќе нема многу шанси на овој дуел. До крајот на првото полувреме лесно се зачува предноста и на одмор се замина со 18:14.

Почетокот на вториот дел донесе највисоки плус шест за Барселона. Каталонците имаа висока предност, но на теренот не беа така убедливи како што беше случај во првото полувреме. Тоа резултираше со намалување на предноста. Во 40. минута ПСЖ успеа да дојде до негатива од три гола, а тогаш на семафорот беше 24:21 во корист на Барселона.

Ова беше најава за можеби повторување на сценариото од минатата година кога составот на Барселона претрпе пораз од Вардар иако имаше позитива од седум гола во еден период. Овој пат тоа не се повтори бидејќи Барселона знаеше како да го крене нивото и набрзина да го наполни голот на ПСЖ.

Олеснително беше и тоа што тимот од Франција играше со седум во напад, па празниот гол беше лесна мета за расположените ракометари на Барселона кои без поголеми проблеми дојдоа до плус седум и до крајот искусно ја чуваа предноста за пласман во финалето. На крајот со 37:32 го потврдија местото во утрешниот дуел за трофејот.

ПСЖ уште еднаш ќе остане без трофеј и сосема извесно е дека парите не се решавачки на Ф4 турнирот бидејќи тимот од Париз никако не успева да дојде до посакуваниот резултат.

БАРСЕЛОНА – ПСЖ        37:32 (18:14)

Сала: Ланксес Арена во Келн. Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегати: Јан Кампман од Данска и Франк Белоф од Германија.

БАРСЕЛОНА: Мелер (14 одб.), Де Варгас (1 одб.), Ентрериос 0/1, Сораиндо 1/1, Арињо 1/3, Јанц 5/7, Н’Гесан 4/4, Гомез Абељо 2/6, Дос Сантос, Мем 8/9, Циндриќ 4/7, Пасквал, Палмарсон 6/9, Макуц, Фабрегас 5/8, Фраде.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 6 мин.

ПСЖ: Жерард (12 одб., 2 сед.), Генти, Кеита, Кристопанс 4/6, Конко, Соле 3/3, Ремили 5/11, Гребил 0/2, Шипжак 1/4, Л. Карабатиќ 2/3, Морос, Хансен 7/9, Пранди 1/4, Нахи 9/10.

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 4 мин.

Пасквал: Не беше лесно да победиме тим како што е ПСЖ

Раул: Пробавме да направиме камбек, но беше невозможно