„ПСЖ е како Вардар – прашање е само до кога Катарците ќе даваат пари!“

Еден од најдобрите голмани во Франција, Мате Шуњиќ, кој го чува голот на Иври, за хрватските медиуми зборуваше за прекинот на првенството и за шампионот ПСЖ, кој го спореди со Вардар.

ПСЖ е тимот во кој се инвестираат најмногу пари и ракометарите имаат највисоки плати, но Шуњиќ вели дека лесно може да ја доживеат судбината на Вардар, кој летово ќе остане без Сергеј Самсоненко.

„Во Иври ситуацијата е релативно добра со финансиите, но повеќе штета ќе претрпат екипи како Монпелје и Нант чии сали се во целост распродадени. ПСЖ е приказна за себе, имаат буџет колку сите останати заедно. Тоа е приказна како Вардар, прашање на време е кога катарските сопственици ќе се повлечат. Може да биде за една година, пет или 25 години“, вели голманот.

Шуњиќ кој во францускиот шампионат има најмногу одбрани, се најде на списокот на Лино Червар за ЕП 2020, но не го мина последниот филтер, па на собирот бранеа Ашанин и Шего.