Пролет одново со интернационалец: Потпиша Црногорецот Жарко Пејовиќ

Поранешниот ракометар на Вардар, кој последната сезона ја мина во редовите на Хапоел Ашдод, Жарко Пејовиќ се враќа во Македонија, а од денеска е нов член на екипата на Пролет. Тој веќе го стави потписот на договорот и воедно беа потврдени најавите од денеска.

Клубот кој обично секогаш се фалеше со тоа дека е единствен кој нема интернационалци со ова одново ќе има играч кој доаѓа од страна откако и минатата сезона имаше играч со српско потекло, но беше репрезентативец на Грција.

Пејовиќ со себе треба да донесе искуство плус во битката за пласман во плеј-офот, а потоа напролет да донесе можност за пласман во Европа. Се работи за ракометар кој има играно и за репрезентацијата на Црна Гора и кој настапува на позицијата централен бек.

Во кариерата покрај за Вардар (во сезоната 2010/11) има настапувано за В. Виена (Австрија), Црвена Звезда (Србија), Будуќност (Црна Гора), Татран Прешов (Словачка), Горење (Словенија), Данкерк (Франција) и Хапоел Ашдод (Израел).

Жарко Пејовиќ се очекува да дебитира в среда кога составот на Пролет треба да гостува кај Астраион во Струмица.